✍
Виктор ЕФРЕМОВ
©
Сосема
поинаков свет
Агресив
Инлајн Скејтинг
Па, драги мои читатели и уште подраги читателки - еве сме повторно
во делот од ова списание во кој што, се надевам, се сретнавте со
една сосема поинаква субкултура во која владеат
адреналинот, возбудата и неизбежно повредите.
J
Се разбира невозможно е да ви го доловиме она возвишено чувство кое
е присутно за време на акробациите во екстремните спортови, па затоа
нема ни оддалеку да се обидеме, но еве сме тука да ви пружиме
информации - со цел да ви го прошириме вашето видно поле во нашиот
мал агол.
Во овој дел ние сме во можност да ве запознаеме со сите најважни
настани и случувања од рамките на екстремните спортови низ целиот
свет но, тоа не би било ништо друго освен превод на некои информации
најдени на мгубројните сајтови од оваа тема - информации кој и вие
многу лесно ќе ги најдете ако покажете мал интерес. Па затоа
ние ќе ви сервираме информации што би се вклопиле во рамките на
нашава малечка држава.
Па во тој контекст јас нема да се користам со никаква пишана
литература (која впрочем и не постои) и нема оваа сторија да ја
изработам во вид некоја од моите семинарски работи, туку оваа
приказна ќе биде напишана врз основа на моите лични знаења и
искуства од оваа област.
* * *
Доколку во предходниот број ви напоменав нешто во врска со
Агресив Инлајн Скејтингот
(во понатамошниот текст АИС) тоа е затоа што тој спорт си
нашол посебно место во моето срце и јас сум еден од оние ентузијасти
кои успеваат да го одржат во живот. Па доколку го имам вашето
внимание дозволете ми накратко да ви ги откријам тајните во врска со
почетоците, развојот и сегашната состојба на АИС-от во Македонија.
АИС-от како база го има Инлајн Скејтингот што
грубо во превод би дошло само возење на ролери, без оној
екстремен фактор. Кога на ова обично возење би му додале елементи
како што се грајндовите, скоковите, вртењата и грабовите а, сето тоа
зачинето со доза на агресивност, екстремност и капка адреналин - е
тогаш го добиваме АИС-от. 
Инлајн
Скејтингот, кој всушност и претставува еден вид наследник на тогаш
веќе популарните ролшули се појавува нијанса порано за
разлика од АИС - но ова возење не е поврзано со нашата сегашна тема,
па затоа ние ќе се задржиме на годините на јавувањето на првите
форми од АИС.
Ако помисливте дека овој спорт кај нас започнува во Скопје ќе бидете
само делумно во право. АИС започнува во Скопје, Битола и Охрид.
Ова една од оние интересни специфики што се јавуваат во врска со
појавата на АИС-от во Македонија. Воедно АИС започнува и се развива
во овие три градови сосема изолирано и самостојно. Значи во БТ, СК и
ОХ ќе сретнемте луѓе кој би можеле да кажат дека се првите што
започнале со овој спорт.
Но, ако ја спомнеме годината на почетокот на АИС, тогаш Битола ќе
биде градот што ќе може да се пофали дека е првиот во кој започнува
АИС-от во Македонија. Според информациите што ги добив од самите
луѓе што го ја започнале оваа субкултура како година во која за
првпат се започнало со АИС се зема 1992/93 година.
Павле, Германо, Бобан,
Попај и Сале
беа првите кои се зафатија со овој спорт во Битола.....(Фала ви
момци). Своите почетоци во овој период ги имаат и Слаткаро,
Мимсо, Марушо и Игор - кои воедно се и едни од
најзаслужните за растот и развојот на овој спорт во Републикава, кои
и до ден денес успеваат да го одржат на едно високо ниво.

Што
се однесува до
ролерките
самото АГРЕСИВ возење бара и посебен тип АГРЕСИВ ролери
кои во тој период во Македонија ги намаше. Е сега тука доаѓа до
израз и македонската снаодливост, што ги наведува тогашните
скејтери самите да си ги модифицираат своите ролерки и да ги
припремат за агресивно возење.
Во Скопје годината во која АИС-от ги остава првите траги е 1994/95 а
најзаслужни за ова се: Дејан, Оџи, Андријана, Спасе, Мики,
Радишани, Бокса, Ник, Јове, Цаки, Гоце, Џани, Цоп, Кичо, Опаш, Јане
и мојата омилена жива легенда Раде - кој и воедно е
најдобриот кажувач на вицеви од нашето инлајн друштво. Но,
шала настрана, патец у средина Раде заедно со Оџи, Бокса, Ник и
Спасе јас би ги издвоил како возачи што најдолго успеаа да го
буткаат АИС-от во посакуваниот правец. Во Скопје почетоците на АИС
за разлика од Битола се многу помасовни, а и подоцна изградбата на
првиот Скејтпатк (Бог да го прости) значајно придонесе
за понатамошниот развој на АИС во градот.
Во однос на
местата за возење
пред изградбата на Скејтпаркот се користеа разни гелендери,
жардиниери, ивичњаци, скали и останатите тврди и мазни делови од
урбаната средина. Во Скопје најчесто тоа се првеше на
десниот
Кеј
на реката Вардар
кај Камениот (Јустинијановиот) Мост и веќе срушената коцка, додека
пак во Битола тоа беше фонтаната наспроти Спортската сала.
Нешто подоцна, односно во 1997 година во Охрид се појавуваат и
првите луѓе кој почнуваат да се бават со АИС. Тоа се Зоц, Медо,
Џуле, Ацо и Гоце - од кои јас би го издвоил Ацо како
возач кој успеа да се носи рамо до рамо со тогаш веќе понапреднатите
Скопјани и Битолчани.
Овие три градови ќе ги заокружиме како градови во кој се
формираат првите генерации на АИС. Кога веќе во СК, БТ и ОХ
започнуваат да се формираат вторите генерации на инлајнери,
во Велес се засноваат и првите темели на АИС.
Што се однесува во ВЕ, за разлика од СК, БТ и ОХ, АИС-от не
започнува така спонтано и одвоено од другите градови.
Во Велес АИС е донесен од страна на еден млад велешки спортист кој
во тоа време се школуваше во Скопје. Тој своите знаења и вештини од
таа област стекнати во скопје ги пренесе во Велес, со што и беа
пуштени и првите корени на АИС-от во овој град
J

Во однос за почетоците на АИС-от во ВЕ би можел да зборувам многу
но, сепак мислам дека доволно и било да се спомнат само имињата на
луѓето и годината во која се појавува. Тоа се случи во 2000 година
а, првите што се зафатија со овој спорт беа Виктор, Гелс,
Тоше, Аце
и Џонс (сметам дека нема смисла да напоменам кого би издвоил
од оваа група на инлајнери).
До овој период во Македонија беше се чисто јасно и гласно, - се
знаеше во кој град кој кога вози, каде вози и колку вози. Овде ќе се
паметат и првите неизбежни средби помеѓу инлајнерите од различни
градови, кои воедно родија и многу дружење и љубов помеѓу истите -
која и до ден денес, и покрај многуте километри разлика успева да
гори.
Едноставно кажано секој од нас е дел од едно големо семејство, и
секој однас е горд поради тоа.
* * *
Тоа беше минатото... Не ме сфаќајте погрешно, работите не се
тргнати кон полошо но, ете стасавме дотаму да можеме да кажеме
тоа беа добри времиња. Другарството помеѓу нас остана но, за
жал од аспект на возењето повредите си го направија своето, па така
голем број од тогашните носители на АИС сега возат само рекреативно
поради голема љубов кон спортот.
Јас во моментов, според тоа како ги гледам работите, би можел да
кажам дека АИС-от, благодарение на гореспоменатите личности, е во
добри раце и е понапред од кога и да бил.
Се прават трикови за кои и не се сонувало дека се можни, исто така
е надмината онаа бариера во однос на оските и рамнините на ротации
за време на скоковите, а и денешниот тип на толерки може да ја
донесе до израз и креативноста на самиот скејтер.

АИС-от
е енергчен, возбудлив, атрактивен и друштвен спорт па неизбежно е
спорт со вакви особини да се популаризира. Популаризацијата на овој
спорт е поврзана со наглото зголемување на неговите приврзаници. Во
основа тоа е добро но, едиствена мана е тоа што неизбежно е да се
појават и личности кои како причина за бавење со овој спор ја
одбрале популарноста и она да се биде во шема - што во
основа и не се поклопува со самата суштина на овој екстремен спорт.
Ама. фала му на Господа, нашето искуство не научи да ги препознаеме
овие луѓе и како да се справиме со нив, така што тоа веќе не
преставува проблем.
АИС продолжува со своето брзо ширење и успева да се рашири и во
неколку други градови. Сега освен во Скопје, Битола, Охрид и Велес
скејтери можат да се најдат и во Кочани, Тетово и
Куманово. Значи нашата фамилија прилично се зголеми но,
од аспект на квалитетот на возењето јас како најзаслужни за
моменталното ниво на АИС би ги издвоил: Бушавиот (Горан -
СК), Мимсо (Мирослав - БТ), Слаткаро (Никола - БТ),
Марушо (Стево -БТ), Пеџо (Предраг - СК), Диви
(Марко - СК), Хакер (Ацко - СК), Цилакот (Баже - ВЕ) и
Кирца (Кире - СК). Гледајки од горенаведените имиња би можел
да кажам дека моментално градови кој го разнишуваат АИС-от во
Македонија се Скопје, Битола и Велес.
Па, драги мои читатели, сигурно се прашувате дали најдобрите
скејтери во Македонија си ги имаат измерено силите. Епа силите си ги
немаат изметено но, како најсилни би ги издвоил Раде,
Виктор, Зоц и Маруш
J
Што се однесува до нивните
скејтерски вештини,
да, веќе на повеќепати македонските скејтери имале шанса да си ги
стават на кантар. 
Желбата за натпревар од рамките на АИС-от одсекогаш постоела, а
нејзината реализација се оствари пред четири години во Велес. Како
локација за одржување на овој натпревар беше избран Велешкиот
Скејтпарк. Најзаслужен за одржувањето (и воедно
организатор на овој натпревар) беше Виктор, ај беше потпомогнат од
страна на невладината организација ,,Mack Action
којашто ги обезбеди сите потребни средства. На овој натпревар се
појавија скејтери од СК, ОХ, ВЕ и еден натпреварувач од БТ. Како
главен судија беше назначен Раде - кој воедно и учествуваше
на натпреварот. Со првото место, кој максимално ја искористи
предноста на домашен терен, се закити Виктор.
Првата пресметка, пак,
во странство
се случи нешто подоцна во Софија (Бугарија). Таму подпомогнати од
Скејт-шопот UNITY отпатуваа Бушав и Раде.
На натпреварот одржан во импровизиран скејтпарк како најдобар се
покажа Бушав. Раде поради повреда не успеа да настапи, а пак Мимсо
којшто исто така учествуваше на овој натпревар го освои второто
место.
По една година Скејтпаркот во Велес беше домаќин и на вториот
натпревар во рамките на Македонија - кој овојпат беше организиран од
страна на Скејтшопот UNITY кој ги обезбеди главните награди. Овој
натпревар беше организиран во рамките на првиот СКЕЈТБОРДЕРСКИ
натпревар во Македонија. Посетоноста на овој натпревар беше
поголема, а повторно се појавија скејтери од СК, ВЕ, БТ и ОХ. Главни
судии на овој натпревар беа Раде и Нино а како по
традиција непобеден на домашен терен остана Виктор.
Во 2004 год се одржа и првиот STREET натпревар низ
скопските улици. Овојпат главен судија беше Виктор, кој
поради повреда не беше во можност да учествува на натпреварот.
Организатор беше X-MKD кој својата задача си ја заврши
доста солидно. Најглавната награда овојпат ја собра Бушав кој
се одвои од останатите скејтери на овој натпревар. Како херој на
денот беше избран Марушот, кој со својата пожртвуваност ги
импресионираше сите присутни.
Следно
во акцијата е повторно бугарската сцена, овојпат во Пловдив
- кадешто овојпат отпатуваа Пеџо и Хакер. Како
победник на овој S T R E E T натпревар се покажа Диви, а како херој
на денот беше назначен Пеџо. Браво момци (свака час)
J
Сокпските улици во 2005 година беа сведоци на вториот STREET
натпревар, на кој за првпат во Македонија учествуваа и
скејтери од Бугарија. Очигледно нашите мали посети во Бугарија
резултираа со другарство помеѓу инлајнерите од овие две соседни
замји. Дел од заслугата за ова дружба им припаѓа и на Мимс, Слаткар
и Зоц (кој освен што често возат во Бугарија им се случува и
понекогаш таму да студираат). Што се однесува на натпреварот во СК,
повторно организиран од екипата на X-MKD, како
најдобар се покажа Милен од Бугарија, а нашиот Бушав
мораше да се задоволи со второто место.
Во репертоарот на натпревари одржани во странство би можеле да
ставиме и неколку други натпреварувања но, со незначјајни успеси на
нашите скејтери. Единствено би можел да го издвојам STREET
натпреварот во Софија во кој Пеџо и Хакер успеаа да стасаат
до самото финале.
Нашето залагање за учество на разни натпревари и сесии во Бугарија и
Србија и Црна Гора се одрази со зголемување на нашата малечка
фамилија и во овие две држави.
За крај, доколку го прочитавте овој текст - мое е да ве информирам
дека ова е единствено место на коешто можете да ги најдете овие
информации во врска со АИС-от сервирани на ваков начин.
Исто
така, должност ми е да ви напоменам дека единствено место каде што
можете да добиете подетални информации во врска со екстремните
спортови е
веб-сајтот www.xmkd.com.
Доколку се интересирате повеќе во врска со настаните, местата и
луѓето поврзани со екстремните спортови, ви препорачувам да го
посетите токму оваа веб-страна која подетално ја разработува таа
тема.
А во однос на фотографииве што ви ги презентирав, ќе истакнам дека
тие се земени од галеријата на XMKD - делот за агресив инлајн.
За наредниот број ви давам ветување дека ќе ви прикажеме
сликички специјално фотографирани за ова електронско списание.
И повторно, драги мои читатели, се надевам дека информациите што ги
добивте вредеа за времето што го потрошивте. Верувам дека поголемиот
број на читателите на овој текст ќе бидат истите оние со кој имам
задоволство да возам епа, момци се гледаме се надевам наскоро, а
за останатите читатели мојата понуда од предходниот број сеуште
важи. Потребни ви се само пар ролерки и желба да зачекорите во
нашиот сосема поинаков свет
,
А, сега сосем за крај следува
временската прогноза:
- Времето утре се надеваме дека ќе биде сончево - за да
можеме да возиме (ха - ха - ха).
Ω

г
о
р
е |